Со истекувањето на рокот за аплицирање, заврши првата фаза од приемот на 50 извршители со високо образование во Министерството за внатрешни работи. Во законски предвидениот термин досега вкупно аплицирале 1914 лица или во просек по 40-тина заинтересирани за едно место. Бројот на кандидати не е конечен заради можноста заинтересираните и по пошта да ги испраќаат своите документи во предвидениот рок.

Согласно, Правилникот за начинот и постапката на селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството за внатрешни работи, следува административна проверка на поднесената документација, потоа спроведување на писмено тестирање (стручен, општообразовен тест), психолошки тест, интервју и здравствени прегледи. Селекцијата на кандидатите ќе се спроведува по пат на тестирање за нивната стручна оспособеност за делот во кои аплицирале. Спроведувањето на втората фаза од постапката за селекција – административна проверка, ќе се изврши со утврдување на навременоста и потполноста на поднесената документација, како и исполнетоста на пропишаните услови наведени во огласот. 

Третата фаза, писменото тестирање кое опфаќа (општо образовен тест и стручен тест), ќе се спроведува само во однос на оние лица за кои во првата фаза е утврдена уредна документација и ќе се изврши истовремено во определено место, на посебно изготвени тестови со соодветна заштита за анонимност при нивното бодирање при што Комисијата за селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството за внатрешни работи, ќе ги утврди постигнатите резултати, односно бодовите, за секое лице поединечно.

Интервјуто како четврта фаза во постапката за селекција ќе се спроведува со секој кандидат поединечно од страна на Комисијата или стручни лица кои таа ќе ги определи.

По извршеното бодирање, Комисијата изготвува ранг листа на кандидати. Најдобро рангираните кандидати, согласно бројот на извршители предвиден во јавниот оглас ќе бидат упатени на здравствени прегледи што ќе се вршат од страна на Здравствената комисија, согласно прописите за здравствените и психофизичките способности што треба да ги исполнува лицето кое заснова работен однос во Министерството за внатрешни работи. При спроведувањето на секоја фаза од постапката за селекција, освен при административната проверка и здравствените прегледи, ќе се врши бодирање на постигнатите резултати за секое лице од страна на Комисијата или стручни лица кои учествувале во спроведувањето на соодветната фаза од постапката за селекција.

По целосно спроведената селекција од страна на Комисијата за селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во МВР, избраните кандидати ќе склучат договори за вработување и по истекот на периодот за стручно оспособување кандидатите ќе бидат распоредени на соодветни работни места во Министерството.

OhridNews