Главниот виновник за ова „чудесно“ дружење е иселеникот Цано Сталески, кој заедно со нашите сограѓани Љупчо Паункоски, Крсте Наумоски, Никола Георгиев и Ружди Муфти се погрижија 56-те „полуматуранти“ да ги споделат своите животни приказни крај брегот на езерото.
„Идеата е стара веќе две години. Со братот на мојата сопруга со кого живееме во САД, се договоривме да ја собереме целата наша генерација. Оваа година, пристигнав во Македонија и направив 70-тина фотографии од училишните денови и ги споделив со некогашните соученици. Се почна кога на Ружди му поклонив слика стара 50 години. Одлучивме да се собереме, а во организацискиот одбор се вклучија Љупчо, Ружди, Крсте и Никола.“ – вели Цано Сталески.
За „Настанот на столетието“, како што го нарекуваат организаторите, потребни биле еднонеделни подготовки кои опфаќале прибирање информации и контактирање со сите некогашни ученици. Иако дел од генерацијата била скептична дека средбата воопшто ќе успее, големата заинтересираност и дружбата до ноќните часови го говори токму спротивното.
„Направивме листа со сите некогашни ученици, а потоа со доста напор, по сеќавање кој каде живее, кругот започна да се шири. Броевите ги добивавме преку телефонските именици, но мал проблем беа моминските презимиња на кои се сеќававме. Имаше другари и другарки кои немаа можност да дојдат бидејќи живеат далеку од Охрид. Затоа на настанот организиравме и скајп-мост, па така сите заедно имавме можност да се дружиме. Бевме присутни околу 56 некогашни ученици, а тоа е скоро пола генерација. Сите беа задоволни, разменувавме спомени од тоа време, а настанот го овековечивме со видео-записи и голем број фотографии. Се пееше и играше длабоко во ноќта, а на крајот не можевме да се разделеме.“ – додава Цаноски.
Преку оваа емоционална средба, на површина „излегуваат“ подзаборавените другарства, избледените спомени од училишните клупи и случувањата од едно далечно време.
„Тоа беше трогателна, емоционална средба. Не постојат зборови со кои може да се опише чувството. Лично, не можев да ги сопрам емоциите. Се сретнав со другари, кои не сум ги видел цели 50 години. Со некои не се познававме, иако често се среќаваме во Охрид. Верувам дека отсега натака, сите ќе контактираме и ќе се гледаме. Се надевам дека ќе имаме едно репризно издание за некоја година, а жал ми е за 10-тина наши сограѓани, кои ја пропуштија шансата да го почувствуваат ова. Можеби кога ќе ги видат сликите и снимките, ќе зажалат. Но затоа имаат поправен испит во идниот период.“ – вели нашиот сограѓанин Љупчо Паункоски.
Како што објаснуваат Сталески и Паункоски, во нивната генерација постоело заемно почитување, без никакви класни разлики помеѓу учениците.
„Никој не се интересираше каде ни работат родителите и од какви семејства потекнуваме. Тоа беше спонтано дружење и меѓусебно помагање. Се надеваме дека овој наш пример ќе го следат и другите генерации. Животот тече, но тие работи остануваат во сеќавањето. Времето си го чини своето, а изгубивме некои другари кои иако не се повеќе меѓу нас, остануваат во мислите. Да сме живи и здрави, сите нека се чуваат, па во иднина ќе организираме уште една средба.“ – велат Паункоски и Сталески.
Оваа генерација е најзаслужна за боровата шума кај „Паднатите борци“, а времето во кое учеле било исполнето со голем број акции за пошумување, различни спортски и меѓуучилишни натпревари, игранки, слетови и карневали.
„Кога го засадувавме тој потег бевме 5-то одделение. Тоа беше првата генерација која го даде својот учинок за градот. До 6-то одделение, учевме во гимназијата, а кога се направи новото училиште „Григор Прличев“ не префрлија во новите простории. Сите носевме униформа, а обувките ги остававме во ормарчина. Движењето во школото се одивавше исклучиво со папучи. Професорите имаа авторитет и уживаа големо почитување, а ние како ученици дававме се од себе за добиеме резултати. Имавме мотив, а покрај успехот се бараше и одлично поведение. Имавме училишен разглас, а се организираа емисии со сопствени творби и состави. Се одбираше најдобар клас, а наградата беше преодно знаме. Спортските натпревари не збилижија со учениците од „Св. Климент Охридски“, па една недела игравме кај нас, а една кај нив. Потоа почнавме со игранки, а по повод 25-ти мај се организираа различни слетови. На еден начин, сето тоа беше фамозно. Професорките кои ќе ни останат во сеќавање се Рада Ќосева по македонски, Климентина српски и руски, покојниот Маленко ни предаваше француски, а биологија Снегарова.“ – потенцираат Паункоски и Сталески.
Оваа емотивна средба треба да послужи како пример за другите генерации, бидејќи преку овие настани се оживуваат подзаборавените другарства, избледените спомени од училишните клупи и „духот од минатото“ во кои моралните вредности повеќе се почитувале.