По шест години Охридското Езеро се порибува со подмладок од ендемичниот вид охридска пастрмка. Денес во езерските води беа пуштени 80 илјади единки во близина на местото викано Вирче, а подмладокот е со просечна тежина од 3,65 грама од единка. На порибувањето присуствуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски кој денеска беше во работна посета на Хидробиолошкиот завод Охрид.
Како што посочи министерот, порибувањето е според договорите и програмата од 2024 година, што предвидуваат порибување на езерото со 400 илјади парчиња подмладок на пастрмка одгледани во Хидробиолошкиот завод и 200 илјади единки обезбедени од мрестилиштата на Институтот за сточарство.
Од Хидробиолошкиот завод денес ме информираа дека иако минимумот беше 400 единки, одгледани се 620 илјади единки, што во наредниот период ќе бидат пуштени во Охридското Езеро. Ова е уште еден показател дека после шест години продолжуваме со порибување на езерото со националното богатство, а тоа е охридската пастрмка. Согласно ветување од минатата година, веќе се склучени и новите договори за порибувањето на Охридското Езеро во 2026 година. Имаме зголемување на средствата по однос на програмата за рибарство и аквакултура, потенцираше.
Трипуновски истакна дека договорите за идната година склучени со Хидробиолошкиот завод се во износ од 3,3 милиони денари, додека со Институтот за сточарство 1,7 милиони денари.
Вкупниот број одгледани риби од Хидробиолошкиот завод се најмалку 1,1 милион единки, со просечна тежина од 3 грама, додека Институтот за сточарство има обврска да одгледа 570 илјади единки. Тоа значи дека езерото нардната година треба да биде порибено со најмалку 1,6 милиони единки подмладок пастрмка, што е сериозно зголемување во однос на оваа година, рече Трипуновски.
Порибувањето на езерото според плановите ќе се врши секој наредна година во насока на одржување на ривниот фонд во добра кондиција.
Како министертво се враќаме на патеката да го одржуваме рибниот фонд во езерото што е обврска на државата. Со ова порибување практично го помагаме рибниот фонд. И во постапката за распределба на рибловните зони на користење на одредени правни субјекти е делот каде се заштитува рибниот фонд, бидејќи контролите кои ги правиме врз самите корисници на риболовните зони е да го следиме текот на излов на риба, злоупотреби…
Според најавите Охридското Езеро ќе се порибува и во наредните денови.
Г.М./Н.С.Ј.
Фото и видео: А. Момироска