Светскиот амбасадор на мирот познат по тоа што патува со велосипед, Зелеј Јожеф, во својата богата биографија ги додаде нашиот град Охрид и Република Македонија. Унгарецот од 2014 година до сега со пораката за мир во светот има поминато 70 илјади километри, а има посетено 5 континенти и дури 74 држави.
Годинешната тура со велосипед започна од Ниш, Србија, продолжи низ Приштина, Косово, Валона, Албанија, по што Јожеф го посети Охрид каде во име на почесниот конзул проф. д-р Марјан Бојаџиев беше примен од охридскиот бизнисмен и домаќин на средбата Ѓоко Јанев.
– На овој чекор се нафатив исклучиво за да ја пренесам пораката за мир во светот. Читајќи и учејки историја како млад многу ме трогна ”патот на смрта” на унгарските војници во Првата светска војна. Човечките загуби во Првата и Втората светска војна никогаш да не се повторат. Сакам јавно да им искажам благодарност на унгарскиот конзулат и на домаќините во Охрид кои ми приредија изненадувачки топол пречек. – рече Зелеј Јожеф.
Тој додаде дека со секоја негова нова тура отвора и книга во која се потпишуваат луѓето на својот матичен јазик во земјите во кои минува со велосипедот.
– Книгите во кои се потпишуваат луѓето во земјите во кои поминувам ми даваат голема надеж за животот на Земјата. Кога имам повеќе време ги читам коментарите и пораките и секогаш се навраќам на моите патувања, рече Јожеф.
Следната дестинација на Зелеј Јожеф ќе биде Сардинија во Италија, каде ќе положи цвеќе и ќе постави статуа во чест на загинатите унгарски борци во Првата светска војна.
OhridNews



















