
Во регионот на општина Охрид ќе бидадат доделени две концесии за гинеколошки ординации, а исто толку предвидени се и за Струга.
– Досегашните анализи на терен покажаа дека речиси во сите региони во државата има потреба од поголем број избрани, односно матични гинеколози и токму во таа насока уште еднаш сакам да го потенцирам значењето на здравствената мрежа, како добар механизам за обезбедување рамномерен систем на здравствени услуги за сите граѓани во државата,изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Исто така во општините Охрид и Струга ќе бидат распишани по 6 концесии за стоматолошки ординации.
Според евиденцијата од Заводот за вработување, во моментов има 343 невработени стоматолози, од кои најголем број има во Скопје и во околните населени места. Во Битола, каде има 46 невработени стоматолози ќе се издаваат концесии за пет медицински тимови, во Охрид каде има 22 невработени стоматолози ќе се издадат 6 концесии.
Во моментов има 890 стоматолошки ординации кои имаат договор со ФЗОМ.
Министерот Тодоров повика на огласот да се јават сите заинтересирани стоматолози, со акцент на невработените, кои, како што рече, имаат можност да отворат своја ординација не само во местото на своето живеење, туку и во останатите региони во државата, каде за тоа има распишано повик за концесија.
– Сакам да потенцирам дека сето ова ќе овозможи отворање на поголем стоматолошки и гинеколошки ординации во подрачјата каде според мрежата е констатиран недостиг од овие специјалности, со цел граѓаните ќе добијат порамномерна распределеност на здравствените установи од општа пракса на територијата на цела држава, додаде министерот Тодоров.












