Со мнозинство гласови советот на општина Охрид го усвои буџетот на општината за 2012. За него не гласаа од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, според кои предложениот буџет не содржи развојна компонента, скратени се програмите за инвестиции, а кои се однесуваат на комуналните проблеми и програмите за водоснабдителни системи.

–    Сето тоа за сметка на еден вид субвенционирање на јавните претпријатија во Охрид, со цел да се покријат грешките кои се прават во нив, а токму тие се креатори на социјалните проблеми во градот. Тоа не дава надеж за развој на градот, освен дека тие ќе се одразат врз долговите кои ги имаше и тековно ги создава општината. Тоа пак ќе придонесе за негативен развој на Охрид, вели координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски.

Советничката група на СДСМ, ваквите критики ги оценува како дневно политичко размислување или реакција на политичка партија од која не доаѓа градоначалникот.

–    Во ваква тешка економска состојба во која се наоѓа земјата не може да се зборува за буџет во кој ќе се подржуваат инвестиции во проекти кои значат надградба. Сеуште зборуваме за задоволување на елементарните потреби на граѓаните, за што најголем дел од средствата се наменети за проекти од сферата на комуналниот развој и инфраструктурата и за жал тоа треба да биде доминантно, со цел задоволување на основните потреби на граѓаните, потенцира координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

На денешната 42- ра седница, меѓу другото, беа усвоени и предлог одлуките за усвојување на програмата за образование за 2012, предлог одлуката за усвојување на Програмата за детската заштита за 2012, програмите за спорт, култура, изработката на урбанистички планови, како и програмата за заштита на животната средина. Советниците расправаа и за програмите кои се однесуваат на комуналната сфера и инфраструктурата.

OhridNews