На самиот почеток на денешната, 31- ва седница на советот, при утврдување на дневниот ред, беше повлечена предлог одлуката за дополнување на годинешната програма за поставување урбана опрема. Како што беше објаснато, затоа што до Комисијата за урбанизам, освен предлогот за дополнување даден од страна на советникот од ВМРО- Народна партија, Јоне Станковски на минатата седница, бил добиен уште еден  предлог за дополнување, од страна ВМРО- ДПМНЕ. Како што објаснуваат од оваа советничка група, во дополнувањето се бара со годинешната програма да биде опфатено поставување урбана опрема на еден од локалите на градскиот плоштад, кој согласно програмите изминатите години имал право да поставува урбана опрема, но не и според програмата за оваа година.


Беше даден предлог и за дополнување на дневниот ред со предлог- одлука за пренесување право на сопственост врз движни ствари, возило Тојота, од ЈП Билјанини извори на ЈП Градски гробишта, по што беше побарана пауза за координација.

По час и половина пауза, седницата продолжи при што од страна на координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски беше побарано да се стави на дневен ред предлог одлуката за учество на општина Охрид во уредување на градежното земјиште за изградба на административниот објект, Свети Климентовиот Универзитет.  По ова, повторно беше побарана пауза за координација во времетраење од еден час.  

Во продолжението на седницата, меѓу останатите точки од дневен ред, советниците ги изгласаа Финансиските извештаи и годишните сметки на основните и средните училишта во Општина Охрид, извештајот за остварените приходи и извршените трошоци на  буџетот и завршната сметка на буџетот на  Општина Охрид, извештајот за работата на  Одделението за инспекциски надзор-Инспекторат, извештајот  за остварените резултати  од работењето   на  ЈП „Охридски Комуналец “, годишната сметка   за работата   на  ЈП „Билјанини Извори“, како и предлог одлуката  за усвојување  на дополнувањето на  Програмата  за изработка на  урбанистички планови за 2011 година.

Пред расправата по предлог- одлуката за учество на општина Охрид во уредувањето на градежното земјиште за изградба на административниот објект при Свети Климентовиот универзитет, седницата беше прекината.

OhridNews