Факултетот за туризам и угостителство оди во чекор со современите начини на комуникација меѓу професорите и студентите. Постепено во своето работење го воведува моделот кој овозможува комуникација по електронски пат, по теркот на образовните институции ширум светот.

Претходно воведовме систем на учење од далечина, кој ја отвори вратата за следниот модел, вид на електронска мрежа помеѓу студентите  и професорите. Ние не смееме да заборавиме дека денес младите повеќе комуникацијата ја сведуваат по електронски пат, отколку вербално. Ако тоа го немаме во предвид ние ќе заостануваме. Новиот модел минатиот семестар беше изборен, но во иднина ќе биде задолжителен. При тоа, сите содржини по датуми и сите презентации од страна на професорите треба да се поставени во електронска форма. Студентот добива електронски број, се поставуваат блогови, прашања и на тој начин се комуницира, објаснува деканот на ФТУ, професор д- р Сашо Коруноски.

Професор Коруноски потенцира дека односот на релација професор- студент се подигнува на едно повисоко ниво и со помош на евалуацијата за секој професор која се спроведува во мај секоја година, по пат на пополнување на евалуациони листови од страна на студентите, во кои тие по анонимен пат можат да ги искажат своите забелешки.

Листовите за евалуација се одобрени од страна на министерството за образование и универзитетот. Има формирана комисија, која потоа ги разгледува забелешките, подготвува сублимиран извештај кој се објавува на нашата интернет страна, вели деканот на ФТУ.

Доколку се забележат посеризони проблеми, се разговара со одредени професори, се со цел да се отстранат проблемите и да се подобри комуникацијата меѓу професорскиот кадар и студентите во факултетот.

Т.К.