Македонскиот тур-оператор „Фибула интернешнал“ разработува програма за организиран настап на четири нови пазари, односно фиксен закуп на пакет-аранжмани во Охрид и Струга за туристи од Босна и Херцеговина, Србија, Романија и Германија.

Според најавите,”Фибула интернешнал” преку своите претставништва во овие држави за оваа туристичка сезона ќе врши закуп на аранжмани и закуп на чартер-летови односно автобуски линии, зависно интересот за македонската туристичка понуда и цената на авионскиот превоз.

Македонскиот тур-оператор интензивно работи на воспоставување на чартер-линија Сараево –Охрид еднаш седмично, чија реализација би значела 1.500 гости од БиХ летово на охридско-струшката ривиера. Исто толкав број гости се очекуваат и од Србија, со тоа што за почеток тие во Македонија би доаѓале со чартер-автобуска линија.

За оваа сезона се предвидува и воспоставување неколку пробни тури и за туристи од Романија и за Германија, за кои доколку постои интерес од наредната година би се организирало и воспоставување по еден чартер-лет седмично од Букурешт и од Минхен.

Станува збор за фиксен закуп на аранжмани за периодот од 60 до 70 дена од втората половинана јуни до септември, во шпицот на летната сезона за кога и постои најголем интерес на тие пазари.

OhridNews