Кошаркарската федерација на Македонија во името на Александар Џикиќ најде нов селектор за селекцијата, а истото го направи и српската федерација која за прв човек на репрезентацијата го назначи Александар Ѓорѓевиќ.

– Не сме повеќе кошаркарска велесила, но никој не може да ни го одземе правото да се стремиме повторно да бидеме фактор во кошаркарскиот свет. Прашање е дали сите ние сме подготвени на дополнителна работа за да го оствариме тоа, дали се играчите подготвени. Мислам дека играчки созреваме, сите играчи играат во вистински клубови и во земјата и во странство – потенцираше на промоцијата, Ѓорѓевиќ.
Тој во богатата кошаркарска кариера настапуваше за Партизан, Армани, Фортитудо, Портланд, Барселона, Реал Мадрид и Скаволини, а во националните настапи може да се пофали со одлични резултати од Олимписки игри, Светски и Европски првенства.
Мх.П.










