Полицијата по налог на Специјалното јавно обвинителство го бара началникот на петтата управа, Горан Груевски,  со цел да овозможи негово сослушување, потврдија доцна синоќа од СЈО за „Телма“.

Специјалното обвинителство претходно доставило барање до судијата во претходна постапка, да се даде налог за претрес во домот на Груевски со цел да се обезбедат докази. Судија го одбил барањето, по што СЈО побарало лишување на Груевски од слобода, затоа што сметаат дека постојат основи за определување притвор. Законот му овозможува на СЈО да бара од полицијата да обезбеди осомничено лице во период од 24 часа во кој ќе се изврши распитот.

По издавањето на налогот, полицијата се упатила во домот на Груевски но тој не бил таму.Груевски засега не им е достапен на органите на прогонот и полицијата трага по него.

Горан Груевски е началник на петтата управа при МВР и близок соработник на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков. Пред осум месеци Јавното обвинителство заедно со Мијалков соопшти дека Груевски бил испитан во врска со аферата со прислушувањето. Потоа сите предмети преминаа во надлежност на СЈО.

OhridNews
Извор:„Телма“