Во текот на денот, претставници на опозициските партии од Охрид остварија средба со градоначалникот Никола Бакрачески, на која меѓудругото се дискутираше околу трансферот на дел од вработените од општинската администрација во Косел.

Како што изјави првиот човек на Охрид,  претставниците на опозициските партии од градот ги изложиле своите гледишта во поглед на организацискиот дел од работата и менаџирањето на општинската администрација и општинските јавни претпријатија.

На маса ги извадивме сите аргументи и сите факти за најновите промени околу стратегијата за менаџирање и организација на работата на општинските јавни претпријатија и општинската администрација.“ – изјави Бакрачески.

Тој истакна дека не постои селективност во кадровските решенија во поглед на организиција на работатата во општинскатаа зграда во Косел, посочувајќи дека единствени критериуми кои се вреднуваат се стручноста, компетентноста, посветеноста во работата и резултатите кои произлегуваат од вложениот труд на вработените.

Не постои селективност во поглед дали некој доаѓа од владеачка или опозициска партија, дали некој е партиски активист или воопшто е неутрален вработен. Јас тоа сум го докажал во изминатите седум години кога бев директор на Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Луѓето од Охрид многу добро ме познаваат, никогаш не сум ги делел вработените според партиска припадност. Стручноста, компетентноста, посветеноста во работата, резултатите кои ги даваат и сето она што го вложуваат како труд, се единствените критериуми кои се за мене важни во делот на спроведување на организациските реформи во општинската администрација и во јавните претпријатија кои произлегуваат од локалната самоуправа.“ – посочи Бакрачески.

Првиот човек на градот, потенцира дека општинската зграда во Косел е активирана со цел да биде подостапна за граѓаните чие место на живеење  е во тој дел на општината.

Ние сакавме да спроведеме една замисла, со која на граѓаните кои доаѓаат од тој дел општината, општинските административци ќе им бидат подостапни и понавремено да можеме да ги решиме нивните проблеми. Тоа е единствената цел зошто општинската зграда во Косел е активирана. Можеби на некој му изгледа селективно, но времето ќе покаже дали има такво нешто или нема. Со оглед на тоа што вработените од општина Охрид кои што сега се пратени таму, сигурно ќе ротираат и нема да бидат единствени во тој дел. Во тек на одреден период за кој ние ќе одлучиме дека е најпогоден, поголем дел од вработените ќе ротираат и ќе се менуваат во давање услуги на граѓаните од тој дел на градот, а кои ќе се спроведуваат во општинската зграда во Косел.“ – потенцира Бакрачески.

Координаторот на советничката група на опозициската коалиција, Томислав Тунтев, истакна дека денешната средба со градоначалникот поминала во конструктивна атмосфера, што ќе резултира со нивно присуство на наредната седница на Советот на општина Охрид.

Се работеше за една конструктива средба, каде ние ги искажавме нашите перцепции, ставови, мислења и конкретно, нашето чувство дека се работи за селективно спроведување на мерки и активности на одговорни лица во локалната самоуправа кон политичките неистомисленици. Од градоначалникот добивме уверување дека не се работи за селективно спроведување, туку за пилот-проект со цел административните службеници да се доближат до населението кое гравитира кон поранешната коселска општина. Неговото објаснување беше дека ќе се ротираат не само овие вработени во тамошните простории, а доколку проектот се покаже како ефикасен, тој ќе продолжи и во иднина. Ние потенциравме дека сме против секаков вид на политички реваншизам и пресметка со неистомисленици. Внимателно ќе ги набљудуваме наредните потези, дека заради тоа што градоначалникот го прифати нашето барање, ќе се вратиме на следната седница на Советот на општина Охрид. Се надевам дека сето она што Бакрачески го кажа, ќе биде реалност и ќе се оствари. “ – изјави Тунтев.    

Инаку, поради неприфаќањето на предлогот за дополнување на дневниот ред со три точки од страна на мнозинството, опозицијата во Советот на општина Охрид ја напушти работата на 18- та седница оддржана на 31-ви минатиот месец. Ова се случи откако не беа прифатени барањата на опозицијата, градоначалникот да даде отчет за неговото работење во 2013, да се достави информација  на која од изминатите седници и со која одлука било утврдено дека лизгалиштето е урбана опрема, како и барањето за информација околу трансферот на дел од вработените од општинската администрација во Косел.

О.Т.