Викендов, по пауза од осум години,  за прв пат се оддржа спортски риболов во Охридското езеро со блинкер. Риболовот се вршеше со 1 жила и 7 блинкери по чамец, во периодот од 06 до 12 часот, во текот на двата дена од викендот.

Концесионерот Ристе Танасоски задоволен од засега покажаниот интерес за ваквиот начин на риболов. Според него количините на изловена риба се задоволителни, а колку повеќе се пушта блинкерот, колку повеќе се даваат дозволи, толку повеќе ќе има раздвижување на рибата и се повеќе охриѓани ќе можат да ловат риба.

Интересот секако е одличен, но сепак граѓаните не беа подготвени толку бргу да го подготват својот риболовен алат, па така се надевам тоа ќе го направат наредните викенди во октомври или наредната година, изјави Танасоски.

Како што потенцира министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, со организираниот начин на риболов во Охридското езеро, всо издавањето на двете концесии, за спортски и стопански риболов ќе се сочува и прошири рибниот фонд во езерото. При тоа, нагласи дека и понатаму голем проблем претставува неконтролираниот риболов од албанската страна на езерото.

Сеуште има проблеми со ловот кој се врши од албанска страна на езерото, на територијата на Албанија. Остваривме контакти со надлежните во Албанија, разговаравме, се со цел и таму  да се стави ред во ловењето на рибата. Начелно има согласност и расположение за разговор, но на тоа останува. Сметам дека сега со добивањето на концесионер на езерото, и од албанска страна ќе има поголема сериозност да се седне, разговара и направи договор околу начинот и количината на изловена риба во Охридското езеро, рече министерот Димовски.

Директорката на Хидробиолошкиот институт, Сузана Патчева, изрази надеж дека со издавањето на езерото под концесија ќе се води поголема грижа околу ендемичните видови риба.

Таа најави дека утре ќе се изврши порибување на езерото со еден милион и 600.000 млади единки пастрмка добиени од годинешниот мрест.  

Инаку, дозволите за наредните блинкери во месец октомври ќе чинат по 800 денари. Дозволите за блинкерот во Охрид се издаваат во поранешните простории на Г.П. „Гранит“ на Кеј „Маршал Тито“, секој работен ден од 08 до 18 часот. Дозволите за блинкер во Струшкиот регион се издаваат во рибарницата „Летница – белвица“ кај градскиот пазар во Струга, во непосредна близина на црквата Св. Ѓорѓија.

OhridNews