За денес закажаната дваесет и деветта седница на советот на општина Охрид беше прекината петнаесет минути по нејзиниот почеток.

Имено, од советничката група на СДСМ беше даден предлог- иницијатива, Спортскиот рекреативен центар да го носи името на неодамна починатиот охридски спортски великан, Атина Бојаџи. Поради потребата од консултација околу предлогот со останатите коалициони партнери, од оваа советничка група беше побаран прекин на седницата.


Советничката група од ВМРО- ДПМНЕ, пак со предлог името на Бојаџи да го носи една од улиците во централното градско подрачје. – Локалната  самоуправа треба да одлучи која ќе биде таа улица. Би сакале именувањето и промоцијата да се изврши најдоцна 13 март, денот на роденденот на Бојаџи, велат од ВМРО- ДПМНЕ.

Барањето за прекинување на седницата од оваа советничка група го коментираат како очекувано.
 
Седницата е прекината поради неможноста мнозинството да ги обезбеди потребните гласови околу прашањата кои требаше да бидат на дневен ред. Ние тоа и го претпоставувавме. Веројатно, меѓу мнозинството не постои координација за одредени прашања. Ние бевме подготвени за оваа седница со наши ставови и нив ќе ги изложиме на продолжението на седницата, вели Дејан Пановски, координатор на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ.

Во текот на наредните дена ќе биде утврдено кога ќе продолжи прекинатата 29- та седница. 

Т. К.