Синоќа во Охрид беше отворен петтиот Меѓународен медицински конгрес на форумот на лекарските асоцијации на Југоисточна Европа, што од вчера до 14 септември се одржува во градов.
На настанот учествуваат повеќе од 400 лекари од 17 европски земји, а целта е разменување искуства, знаења и споделување на најновите достигнувања од областа на медицината.
„Како медицинско лице, јас сум убеден дека ваквите конгреси се едни од најдобрите начини за ширење на новитетите во медицинските науки. Ова е начин да се споделат личните искуства како и последните технички и научни достигнувања во медицинските истражувања. Убеден сум дека сите Југоисточно- европски земји се соочуваат со истите предизвици за подобрување на здравствените системи и услуги. На овој собир, важните заеднички теми на разговор ќе бидат поврзани со финансиските и останатите, реални проблеми во здравствените системи на земјите од Југоисточна Европа.“ – истакна градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Претседателот на македонското лекарско друштво и ко–претседател на организациониот одбор на конгресот SEEMF, проф. д-р Јован Тофоски, изрази задоволство што петтиот јубилеен конгрес се одржува во Охрид.
„Ми претставува чест и задоволство што петтиот Меѓународен медицински Конгрес во Македонија се одржува во Охрид, градот во кој во 2004 година се роди идејата на SEEMF за основање на овој конгрес.“ – потсети Тофоски.
Пред присутните се обрати и деканот на медицинскиот факултет, проф. д-р Никола Јанкуловски, кој меѓудругото посочи на важноста од едуциран медицински кадар како основа за добри резултати во соодветната област.
„Секогаш кога има вакви големи настани, кога има вакви големи конгреси тие ни помагаат да согледаме до каде сме стигнати со развој на научната мисла, научно- истражувачката работа на медицинската пракса кај нас во однос на земјите кои се учесници на вакви конгреси.“ – рече Јанкуловски.
Инаку, на Меѓународниот медицински конгрес во Охрид учествуваат лекари од Македонија, Албанија, Грција, Турција, Бугарија, Црна Гора, Србија, Словенија, Романија, Украина, Узбекистан, Русија, Казахстан, Азербејџан, Латвија и други земји.
OhridNews