Во јавноста деновиве  се актуелизира приказната стара 6 месеци за изградба на културниот комплекс на Плаошник, каде според најавите на Владата треба да се изградат дваесетина објекти.

Изградбата ја подржаа советниците на општина Охрид, а во  церемонијата на поставање темели учествуваше и  охридскииот градоначалник, кој тогаш изрази уверување дека ќе бидат запазени законите и комплексот ќе биде изграден во согласност со прописите. За таа цел Советот на општина Охрид на итна седница  донесе одлука за отстапување на корисничкото право на земјиштето на Плаошник на државата без право на жалба.

Половина година подоцна надлежните органи и локални експерти ја убедуваат јавноста дека започнатиот проект не е добар и дека се загрозува Свети Климентовата црква на Плаошник Св. Пантелејмон, без притоа истите да образложат зошто не се реагирало при отпочнување на градежните работи. Состојбата дополнително ја компликува и политичката борба во Советот на општината каде деновиве се отвори дебата за и против проектот „Охрид 2014“. И повторно задоцнето дел од градските советници бараат да се расправа за ослободување на инвеститорот, Владата на РМ, од плаќање на комуналии за изградба на културниот комплекс на Плаошник.

Дилеми има и околу габаритот на објектите кои се предвидени да се изградат на Плошник, а кои се барем за половина поголеми од Свети Климентовата црква Св. Пантелејмон.

Аргументите за и против изградбата на културниот комплекс на Плаошник се актуелизитраат во период кога власта и опозицијата во земјата водат жестока битка околу одржувањето на предвремени парламентарни избори. Според најавите на Плаошник до 2014 ќе бидат изградени 23 објекти чија вредност се проценува на околу  9 милиони евра.

OhridNews