Во пресрет на празникот 07 Ноември, ЛК Лихнидос и Охридски Комуналец презедоа здружена акција за пригодно одбележување на јубилејот 140 години од раѓањето на поетот Коста Абраш (1879 – 1898).

Изразуваме голема благодарност до Охридски Комуналец за несебичната помош. Сега просторот околу спомен плочата е исчистен, хортикултурно уреден и соодветно осветлен. Со засадување на 140 садници на Сараиште сакаме на симболичен начин да го освежиме споменот на нашиот пролетерски поет Коста Абраш. – изјави Сашо Алче, член на клубот Лихнидос.

Да потсетиме: Коста Наум Абраш е роден 1879 година во Охрид. Автор е на само една постхумно објавена книга со социјална лирика (‘Песни’, објавена 1903 година). Абраш се вбројува во групата на дводомни писатели, имајќи предвид дека по преселувањето на неговото семејство во Шабац, Коста го продолжува образованието на српски јазик. За жал, умира од туберкулоза многу млад, на 19 годишна возраст.

Во контекст на овој јубилеј, клубот Лихнидос ќе им предложи на градските власти да отпочнат протокол за соработка и збратимување со градот Шабац. Длабоко сме уверени дека историјата треба да се користи исклучиво за зближување и соработка, а не за поделби и недоразбирања. – потенцираше Алче.

Oплеменето спомен обележјето на Коста Абраш

OhridNews