Министерството за надворешни работи ги координира активностите во врска со справување на последиците од автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица државјани на Северна Македонија, заедно со бугарското МНР. Процесот на идентификација на жртвите е во тек, а по негово завршување ќе следи организирана постапка за пренос на телата на починатите, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

За време на посетата утринава во Софија Османи информираше дека воспоставиле директни линии на  соработка на повеќе нивоа со бугарските власти во врска со несреќата, соодветно на договорените насоки.

Во текот на денот овозможивме измена на ковид-протоколите за граѓаните, односно членовите на семејствата кои имаа потреба да патуваат во Софија да патуваат без ограничувања од ковид-протоколи, Се активираше сос – телефонот на МНР и во текот на целиот ден беа контактитрани семејствата на сите загинати, но и на повредените кои имав можност денеска да ги посетам и разговарам за нивното здравје и за нивните впечатоци за несреќата. Дадов насока да се пратат двајца искусни дипломати кои се веќе во Софија со што се зголемува човечкиот капацитет на нашата амбасада во Софија со цел да може да понуди помош на граѓаните во текот на процесот на идентификација на жртвите на оваа трагедија, рече Османи.

Најави дека утре продолжуваат со координативните активности според динамика договорена со колегите од Софија.

Министерот за внатрешни работи  Оливер Спасовски на вечерашната прес-конференција истакна дека очекува брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и одговор за сите нејаснотии околу автобуската несреќа во која, според првичните информации загинаа 45 патници, а седум се повредени.

Она што засега можам да го кажам и е во доменот на податоци со кои располага МВР е дека последната извршена проверка на техичката исправност на автобусот е на  5 октомври 2021 година, а истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања. Нашата земја и Бугарија се заедно во тагата за жртвите во трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“, но и во активностите за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификувањето на жртвите во несреќата, за давање помош и за лекување на настраданите за што сме благодарни, рече Спасовски.

Спасовски изразувајќи најдлабоко сочуство до семејствата на загинатите истакна дека веќе е извесно дека организацијата и трошоците околу враќањето на жртвите во земјава ќе бидат на товар на државата.

 

OhridNews