По ставањето во функција на системот „Безбеден град“ во Охрид на 12 октомври, граѓаните реагираа на начинот на кој функционираат семафорите на улицата „Железничка“.

​Возачите укажуваа дека светлосната сигнализација е небезбедна, со оглед на тоа што немаше тајмери за одбројување, а преминот од зелено во црвено светло се случувал речиси моментално, без видливо жолто светло. Поради ова, возачите беа принудени нагло да кочат или несвесно да поминат на црвено, за што веќе им пристигнувале и известувања за казни.

​Надлежните служби соодветно реагираа и ги презедоа сите потребни мерки за да се нормализира состојбата. На семафорите веќе се поставени тајмери за одбројување, со што на возачите им се овозможува подобра прегледност и повеќе време за безбедно поминување.

Само за првите два дена по ставањето во функција на системот „Безбеден град“ беа регистрирани вкупно 296 сообраќајни прекршоци во Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Најголемиот дел се однесуваа на пречекорување на дозволената брзина во и надвор од населено место, поминување на црвено светло на семафор, како и управување со нерегистрирани возила.

Според информациите на МВР, за пречекорување на брзината во населено место, каде дозволената брзина е до 50 km/h, односно по исклучок до 70 km/h каде што тоа е означено со сообраќаен знак, предвидени се: до 10 km/h над дозволеното – 15 евра; од 10 до 30 km/h – 50 евра;од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од три до 12 месеци.

Надвор од населено место, глобата за пречекорување до 30 km/h е 20 евра, од 30 до 50 km/h – 50 евра, а за пречекорување од 50 до 70 km/h следува глоба од 300 евра и забрана за управување од три до 12 месеци.

За поминување на црвено светло предвидена е глоба од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци.

За учество во сообраќај со нерегистрирано возило, односно без важечка сообраќајна дозвола или регистарски таблици, глобата достигнува 500 евра. Доколку важноста на сообраќајната дозвола е истечена до 30 дена, глобата е 100 евра.

Предвидена е и можност за намалување на паричната санкција, при плаќање во рок од осум дена се плаќа 50 проценти од изречената глоба.

Инаку, системот „Безбеден град“ има за цел да придонесе кон подигнување на сообраќајната култура, поголема дисциплина кај возачите и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

OhridNews