Претседателот на СДСМ Зоран Заев, по средбата со Али Ахмети синоќа во седиштето на ДУИ во Мала Речица, изрази оптимизам за текот на преговорите.

„Во тек се преговорите, одредени правци зацртавме, што сакаме да постигнеме со одредени решенија и што е можно во рамките на Уставот. Се надевам овој преговарачки процес ќе заврши што поскоро. Многу ми е драго што и двете партии се согласувааат на решенија кои ќе произлезат од Уставот на РМ“, рече Заев, при тоа додавајќи дека со Ахмети се согласиле решенијата за секоја точка да произлезат единствено од Уставот.

 

Според Заев, формирани се експертски групи од двете партии кои ги чешлаат разликите.

„Драго ми е што двете партии се залагаат да имаме уставно решение. Јас сум тој што ги чека потписите и со целиот ризик да не ги добијам Уставот во Македонија нема да се менува“, рече Заев на прашањето за употреба на јазиците.

Во врска со евроатланскиот пат на земјата, претседателот на СДСМ рече дека ДУИ и СДСМ исто гледаат на перспективите на земјата по ова прашање.

„Изнајдовме начин за рамномерна распределба на буџетските средства за регионален развој. Тоа не значи рамномерна распределба помеѓу Скопје и Тетово, туку и помеѓу Скопје и Кавадарци и помеѓу Струмица и Кавадарци“, рече Заев.

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во кусата изјава за медиумите по двочасовната средба во вторникот вечерта во партиското седиште во тетовска Мала Речица со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кажа дека меѓу двете партии постојат разлики околу употребата на албанскиот јазик, но оти тие разлики не биле многу големи.

„На средбата не раговаравме за потписи, туку за разликите кои ги имаме со СДСМ. Наскоро ќе свикам централно претседателство на коешто ќе биде донесена одлука дали ќе ги дадеме потписите на СДСМ за составување нова влада“, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети алудирајќи на потписите со кои ќе се докаже дека обезбедил поддршка од мнозинството пратеници коишто челникот на социјалдемократите Зоран Заев треба да ги достави до шефот на државата Ѓорге Иванов за да го добие мандатот за составување на нова влада повеќе од два месеца по завршувањето на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември.

СДСМ има 49 мандати, и покрај потписите на другите албански партии, неопходни се десетте пратеници на ДУИ за обезбедување сигурна поддршка за составување влада.

OheidNews