Според последните извршени мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на водата во Охридското Езеро е на 693,24 метри надморска височина, што значи дека е на 7 сантиметри над природното ниво, односно на 14 сантиметри над со закон утврдената кота од 693, 10.
Повторно покачување на нивото на водата се очекува по врнежите од дожд и снег во наредниот период, но влијание врз водостојот секако има и човечкиот фактор со регулирање на нивото преку испуштање на водата со отворање на портите кај истекот на реката Црн Дрим во Струга, поради потребите за производство на електрична енергија.
Додека експертите укажуваат на негативните последици врз живиот свет поради било какво манипулирање со езерото и особено наглите осцилирања на водата и наглото испуштање на водата, од министерството за животна средина велат дека од нивна страна постојано се следат ваквите појави со цел соодветно да се реагира и преземаат мерки кога тоа е потребно.
Инаку, нивото на вода во Охридското Езеро на средината од декември 2011 година се спушти на 2 сантиметра над минималната кота од 693,10 метри надморска височина. Поради топењето на снегот и врнежите од дожд, во првите неколку месеци од годинава, пак беше забележано покачување на нивото на водата и за три сантиметри за еден ден.












