Голем „остров“ од ѓубре, двапати поголем од САД плута по Тихиот Океан. Купот ѓубре кој се состои од пластика, фудбалски топки, стари кајаци, лего коцки и пластични ќеси заедно го држат подводните струи.

Непожелниот „остров“ се наоѓа на 500 наутички милји од Калифорнија, а се протега се до Јапонија, преку Северниот Пацифик и Хаваите. Ѓубрето кое плута го нарекуваат „пластична супа“, полупроѕирно е и се наоѓа точно под водената површина, па е невозможно да се види на сателитските фотографии. Американскиот океанограф Чарлс Мур сосема случајно го открил „островот“ со ѓубре во 1997 година кога се враќал од регата дома.

„Секогаш кога ќе излезев на палубата покрај бродот пливаше некакво ѓубре.Не ми беше јасно како сме успеале да загадиме толку голема површина?“ се прашува Мур и предупредува дека во следните децении количината на ѓубре може двојно да се зголеми доколку не го намалиме пластичниот отпад.

Заради пластичниот отпад секоја година угинуваат повеќе од милион морски птици и сто илјади цицачи. Шприцеви, запалки, четкички за заби се прнајдени во желудниците на угинатите морски птици. Меѓутоа толкави количини отпад се опасни и за луѓето. Хемикалиите кои се наоѓаат во отпадот многу лесно можат да влезат во синџирот на исхрана.

„Се што завршува во океанот, еднаш ќе заврши и во желудникот на животните, а потоа и на нашите трпези“ предупредува истражувачот др. Маркус Ериксен.„Ѓубрето се движи наоколу како големо животно без синџир. Кога еднаш ќе дојде до брегот, ќе имаме плажи прекриени со отпад“ вели океанографот Кертис Обесмаер.Големиот „остров“ од ѓубре составен е од два дела, а се наоѓа од двете страни на Хаваите. Една петина од тој отпад завршила во океанот од некој брод или нафтена платформа, а остатокот дошол од брегот.

Јасминка Т. Момироска