Во организација на локалната самоуправа и Црвен крст Охрид, денес по трет пат, во средното угостителско училиште „ Ванчо Питошески“ се одржа хуманитарен новогодишен ручек за социјално најзагрозените семејства и лицата со хендикеп од Охрид. За најмладите тука беше Дедо мраз кој им додели новогодишни пакетчиња.
– Се надевам дека ваквите настани од една страна нема да престанат, но од друга страна би сакал што помал број луѓе да бидат дел од вакви настани како социјални случаи. Во 2015 година ќе се реализираа т најавите за инвестиции на странските инвеститори со што ќе се отворат нови работни места и се надевам дека овие родите ли и нивните деца ќе најдат свое вработубање, со што Охрид во голема мера ќе ја промени социјалната структура на своите сограѓани, рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Како што потенцира претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков, денешните активности се само дел од низата преземени во текот на годината со цел да им се олесни живеењето на најранливите категории наши сограѓани.
– Ние можеме еднократно да помогнеме, но не можеме да им го решиме нивниот статус, за тоа постојат институциите кои се занимаваат со таа проблематика, каде и ги упатуваме овие граѓани. Изминува уште една успешна година за општинскиот Црвен крст. Во текот 2014 преку 700 лица добија најразлична помош , имавме многу барања од граѓани, направивме доста напори за да им помогнеме и ги опслужиме, рече Точков.
Активностите на Црвен крст продолжуваат. Од понеделник на штанд на градскиот плоштад ќе се продаваат честитки и оригами производи со чија продажба ќе се собираат средства наменети за набавка на амбулантско возило кое ќе ги опслужува сите спасители на вода во текот на летото и ќе врши посети на ранливите категории во селските средини во текот на целата година.
Т.К.