Во одлична атмосфера македонската репрезентација го одработи последниот тренинг во пресрет на тест – мечот со Молдавија 15 ч во Мардан во турскиот туристички центар Анталија.
Повратник во македонскиот тим е капитенот и рекордерот по бројот на настапи (88) Гоце Седлоски. Тој очекува добра игра против Молдавија и пред се поволен резултат:

– Колку и да играм успешно во дресот на Лацио, сепак моите мисли се врзани со успехот на нашиот национален тим во овој квалификациски циклус. Според се што прикажавме во дуелите со Шкотска, Холандија и Исланд заслуживме барем уште два до три бода. Но тоа е фудбалот. Она што ме охрабрува е што одигравме најмалку рамноправно со сите овие селекции. Шансите за освојување на второто место во групата се сеуште актуелни и на нас останува да се подготвиме што е можно подобро за следните пресметки , особено со Норвешка и Исланд.
Според најдобрите во тимот на Катанец тестот со Молдавија е добродојден, а тие се надеваат и на изненадување над фаворизираната Холандија во продолжението на квалификациите.










