Во тесен и неизвесен натпревар во салата „Борис Трајковски“, репрезентацијата на Македонија успеа да го совлада првиот противник на Евробаскетот,Црна Гора со 79-74.


Тимот на селекторот Марин Докузовски прв пат во овие подготовки настапи комплетен, по приклучувањето на Гечевски и Мекејлеб, а тие двајца искомбинираа 31 поен и беа најефикасни за Македонија. Војдан Стојановски имаше добар меч со 15 коша, а двоцифрен заврши и Владо Илиевски со 11. Капитенот Перо Антиќ имаше проблеми со реализацијата од поле, но задно со Самарџиски играше важна улога под кошевите против квалитетните противници.


„Почнавме стегнато, но успеавме да се ослободиме како течеше натпреварот. Оваа победа е важна за нас, затоа што се чувствуваше мал притисок кај играчите по трите порази на турнирот во Словенија.  Дадов поголема минутажа на Гечевски и Мекејлеб, иако се уште се во посилна фаза на подготовки, но за нив е добро да играат натпревари, за подобро да се воиграат. Имаме уште да работиме пред Литванија, но задоволен сум од насоката во која се движиме. Црна Гора е навистина силна екипа и среќен сум со победата“, кажа селекторот Докузовски по мечот.

Денес селекцијата на Македонија е слободна, а на „Трофеј Македонија“ се игра мечот помеѓу Нов Зеланд и Црна Гора. Последниот меч пред заминувањето за Германија, Македонија го игра во недела (21 часот) против Нов Зеланд.

извор” basketball.org.mk”
ohridnews