На Универзитетот ФОН, се одржа посебна академска церемонија, организирана во чест на македонската ракометна репрезентација на која на членовите на истата им беа врачени – “Honoris Causa” – почесните дипломи.
 
На церемонијата зборуваше селекторот на репрезентацијата Ѕвонко Шундовски, кој истакна дека, академската чест е врвна и е признание кое зборува за стручниот напредок на нашиот екипен спорт. Шундовски додаде дека со одавањето на академски почести, македонскиот тим добива на дополнителен стимул да ја оправда националната доверба и да се избори за место на олимпијадата во Лондон.
 
Според потпретседателот на Управниот одбор на ФОН – М-р Сефер Цаноски, Хонорис Кауза е оправдано одавање на почит кон сите членови на Ракометната федерација на Македонија. „Општествената одговорност и мотивацијата за целото општество значат многу. Оваа академска титула е важна не само за вас, туку и за сите оние млади кои ве следат во чекор, кои ги следат вашите успеси и се огледуваат на вашите постапки. Градењето на модерно, спортско и етички здраво општество е наш императив како Универзитет“ – додаде Цаноски.
 
“Honoris Causa” е почесна титула која ја доделуваат Универзитетите уште од средниот век на истакнати членови на општеството, заради нивните поединечни или колективни заслуги. Со поделувањето на дипломите, ракометарите и стручниот тим станаа почесни дипломци на Факултетот за спортски менаџмент при универзитетот ФОН.
Ohridnews