Попладнево во вилата Света Софија, градоначалникот Никола Бакрачески организира работна средба и ручек за 45 почесни конзули на РМ од целиот свет.
Како што истакна градоначалникот, средбата е можност за промоција на Охрид како културно и природно наследство на УНЕСКО , каде почесните конзули имаат можност да дознаат повеќе за природните убавини на Охрид, нашата традиција, култура, историја и можностите за инвестирање во сферата на туризмот, лесната индустрија, земјоделството, можностите за развој на здравствениот туризам, образовни дејности.
– Оваа средба претставува ретка можност за нас, на директен начин пред почесните конзули да ги претставиме нашите заложби за локален економски развој на општина Охрид и нашите развојни стратегии во областа на туризмот и се она што се прави за подигнување на стандардот и отворањето на поголем број работни места, рече Бакрачески.
Гостите со позитивни впечатоци од престојот во Охрид, гостопримството и природните убавини кои имале можност да ги видат за време на посетата.
– Охрид е прекрасно место, мислам дека секој кој ќе дојде тука веднаш се вљубува во градот. Нашиот интерес е насочен кон можностите за бизнис, пред се во областа на туризмот. Многу луѓе во Индија би сакале да инвестираат во толку убаво место кое има гостопримливи луѓе и природна убавина. Во мојата земја сите ја препознаваат Македонија по Александар Велики и Мајка Тереза. Јас сум од Калкута каде таа живееше и таму сите знаат дека Мајка Тереза е родена во Македонија, изјави Сакши Агарвал почесен конзул од Македонија од Калкута.
Почесните конзули порачаа дека импресиите од својата посета на Македонија ќе ги пренесат во земјите од кои доаѓаат затоа што Македонија има голем потенцијал кој треба да биде искористен.
Т.Кувенџиска