Околу 35-40 проценти од кривичните дела кражби се случуваат во трговски објекти и затоа е неопходна соработка помеѓу бизнис заедницата и полицијата. Инсталирањето на системи за видео надзор во голема мера ја олеснува работата на полицијата при расветлување на казнените дела. Ова беше истакнато на денешниот прв работен состанок помеѓу претставници од СВР Охрид и сопственици на трговски субјекти од Охрид, со цел да се слушнат проблемите на бизнис секторот од аспект на безбедноста, поплаките во врска со кражби, оштетувања, закани и други кривични дела со кои се соочуваат во секојдневното работење како и нивните размислувања, сугестии и предлози за зголемување на степенот на безбедност.
– Сугерирам да се инсталираат системи за видео-надзор во трговските објекти. Тие ќе ни ја олеснат работата. Сопствениците на трговски објекти и продавачите треба да внимаваат на луѓето што доаѓаат зашто има такви кои се добро обучени да го одземат вниманието на продавачот, а потоа да стигнат до саканиот плен. Треба да се внимава и со употребата на лажни банкноти, вели Благоја Стевоски, инспектор за превенција.
Трговците ја поздравуваат иницијативата за поголема соработка со полицијата со цел да се намали бројот на кражби и останати казнени дела.
– Треба почесто да има вакви средби на кои ќе зборуваме за проблемите. Во полицијата треба да има повеќе стручни лица кои ќе влијаат врз тие што ги извршуваат криминалните дела со цел да ги одвратат од намерите. Во мојата фирма имало обиди за кражби, но биле од помал обем. Се надевам дека во иднина нема да се повторат, изјави Боро Нечкоски од фирмата „ Маеми“.
Од СВР Охрид информираат дека во реализација на казнените дела од имотните деликти со кои најчесто се соочуваат бизнисмените, се бележи висок процент на реализација, но сепак она што е од особено значење е меѓусебна комуникација која треба да е на повисоко ниво.
– Не е само полицијата таа која треба да работи на расветлување на казнените дела. Самите трговци и сопственици треба да бидат активни во делот на пронаоѓање на сторители и давање на корисни информации кои ќе бидат користени во текот на постапката за пронаоѓање на сторителите. И покрај значителниот број на казнени дела и тешки кражби дел од претставниците на бизнис секторот сеуште немаат видео надзор што го усложнува процесот на пронаоѓање на сторители. Потребен е поголем степен на комуникација меѓу трговците и полицијата, можеби она што за сопственикот е незначајно за нас е клучен елемент во составувањето на мозаикот, потенцира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Од СВР Охрид доаваат дека по барање на трговците во идниот период полициските контроли, особено во ноќните часови, ќе се интензивираат.
Т.К.