Судскиот процес за убиството на српскиот турист, Дејан Новаковиќ, што на 27-ми август се случи во центарот на Охрид, започна денеска во Основниот суд во Охрид без присуство на роднините на обвинетите, како и претставниците на медиумите кои уредно беа акредитирани.

Судијката Милка Танеска што го води процесот од засега непознати причини реши денешното рочиште да се одржи во мала судница во која освен обвинетите и застапниците на одбраната и обвинителството присуствуваа само блиските на оштетената страна.

Иако дискреционо право на судијата е да одбере како и каде ќе го води рочиштето, не е познато зошто таа се решила да ја промени салата за судење иако за тоа беше обезбедена големата сала на Основниот суд во Охрид.

По реакциите на роднините и новинарите, претседателот на судот, Владо Дејаноски, информираше дека не му е познато зошто судијката Танеска донела таква одлука, најавувајќи дека ќе се сретне со неа и ќе побара објаснување.

– Ова никогаш досега се нема случено. За случајот го известив и Републичкиот судски совет, рече Дејаноски, кој изрази жалење за настанатата ситуација.

Незадоволни поради ускратеното право да присуствуваат на рочиштето, роднините на обвинетите бараа објаснување.

Судот ќе суди што се случило таа вечер во Охрид, но ова што го направија денеска, што не дозволија роднини на обвинетите ниту новинарите да влезат во судницата не револтира и бараме одговор зошто на некој му е дозволено присуство, а на некому не. – изјави Иљо Димов, вујко на еден обвинетите.

За убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ се обвинети две лица од Охрид,  а уште  едно се товари за помагање по извршено кривично дело. Истовремено за убиството на Новаковиќ пред Основниот суд во Охрид се води процес и против едно лице државјанин на Република Србија, кој засега е недостапен за органите на прогонот.

OhridNews