Долгогодишна првенка на скопската опера и основоположник на најголемата културна манифестација во Македонија, Ана Липша Тофовиќ, почина вчера во Скопје на 86-годишна возраст, јавува „Макфакс“.

Ана Липша Тофовиќ во далечната 1961 година на 4 август влезе во историјата со концертот одржан во црквата Света Софија, со што беше означено раѓањето на манифестацијата Охридско лето.
Чинот на концертно крштевање на Света Софија направен во миг на визионерско вдахновение на Ана Липша Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик, со голем ентузијазам поддржан од неколку видни граѓани од Охрид и македонски културни работници покажа дека семето е посеано на плодна почва и од него се зародува манифестација со комплексно значење, стои во историјатот на Охридско лето.
Изведбата на дела од Хендл, Моцарт, Бетовен, Глук, што ги изведе прекрасниот глас на Првенката на Македонската опера, со самиот почеток делуваше импресивно и покажа дека Света Софија е дадена за тоа. Така започна приказната што се вика Фестивал Охридско Лето.
“Се гордеам што прва запеав во овој свет храм и што го дадов својот придонес во културната историја на Македонија. Охридското лето стана дом на културата за што сонувавме пред 50 години…”, вака преку телеграма познатата оперска примадона Ана Липша-Тофовиќ го честиташе роденденот на Охридско лето на свеченоста што се одржа во храмот “Света Софија” по повод промоцијата на монографијата “50 години Охридско лето”.
Погребот на Ана Липша Тофовиќ ќе биде извршен во среда на 5 септември во кругот на семејството.
извор:„Макфакс“












