
Негово најпознато дело е зградата на МАНУ во Скопје за која во бивша СФРЈ е добитник на сојузната награда на „Борба“ во 1976 година.
Архитектот Чипан е добитник на најпрестижната награда за придонес во архитектурата и за животно дело „Андреја Дамјанов“. Два пати ја добил државната награда „11 Октомври“. Автор, или коавтор е на повеќе значајни објекти во Македонија и на територијата на бившите југословенски републики.
Како роден Охриѓанец, тој самиот велеше дека негово животно дело е обновата на црквата Света Софија во 1952 година. Всушност, заштитата на културно историските споменици му била некој вид животна преокупација. Работел и на конзервацијата на црквата Свети Пантелејмон во скопско Нерези, и на други значајни споменици на културата.
Автор е на десетина книги од областа на архитектурата, од кои од особено значење се „Старата градска архитектура во Охрид“ објавена во 1955 година и „Света Софија – катедрален храм на Охридската архиепископија“ во 1996 година.
Беше активен речиси до крајот на неговиот живот.











