По кусо боледување денеска почина Горан Гаврилов (54), основач и соственик на Радио Канал 77 и порталот Македонски медиа сервис. Гаврилов беше основач и прв човек на Асоцијацијата на приватни електронски медиуми во Македонија (АПЕММ). Поради неговото познавање на оваа област и професионалност беше вклучен и во подготовката на сите законски регулативи поврзани со медиумското работење во земјава.

Гаврилов беше поборник за слободата на изразување и слободата на говорот, кои како што велеше, „се базични слободи и права, кон кои сите треба да тежнееме“.
Радио Канал 77 со седиште во Штип е првото македонско приватно национално радио, работи од 1991, а ја покрива целата територија на земјава. Канал 77 денеска функционира како Мултимедијален центар, во кој се радиото, интегрираната редакција, порталот ММС, телевизиско студио, конгресна сала, радио-кафе, летна сцена.
OhridNews












