Американскиот актер Роберт Дувал, еден од највлијателните филмски работници во историјата на Холивуд, почина на 95-годишна возраст. Веста ја објави неговата сопруга Лусијана Педроза Дувал. Тој се упокои мирно во својот дом, опкружен со љубов и поддршка од семејството, соопшти таа во емотивна порака.

Дувал остави неизбришлива трага во светот на филмот со кариера која траеше повеќе од седум децении и речиси 100 филмски и телевизиски улоги.
Роден во 1931 година во Сан Диего, Калифорнија, Роберт Дувал започна да игра во театар и телевизиски серии пред да влезе во филмскиот свет каде се пробива со улогата на Бу Редли во „To Kill a Mockingbird“ (1962), по што следеа бројни незаборавни ликови.
Меѓу најпознатите негови улоги се: Том Хаген, студениот и лојален адвокат на семејството Корлеоне во „The Godfather“ (1972) и „The Godfather 2“ (1974) на Френсис Форд Копола, што му донесе прва номинација за Оскар, потоа потполковник Бил Килгор во воениот еп „Apocalypse Now“ (1979) и, секако, улогата на кантри пејачот во „Tender Mercies“ (1983), што му донесе Оскар за најдобар актер.
Неговиот репертоар опфаќа и други значајни филмски проекти како „Network“, „MASH“, „Lonesome Dove“, „The Apostle“, „A Civil Action“, „The Judge“, „Deep Impact“ и многу други.
Дувал беше номиниран за седум Оскари, освои еден, а добитник е и на повеќе „Еми“, „Златни глобуси“, „Бафта“ и други награди.
Колеги и пријатели од филмската индустрија го опишаа како „еден од најголемите актери на своето време“, со исклучителна преданост кон улогите и истрајност во индивидуалниот пристап кон ликовите.
Дувал ќе остане запаметен како универзален филмски уметник – од драмски до комични и емотивни улоги. Тој остави богато наследство што ќе влијае на кинематографијата уште долго време.
OhridNews
Фото: David Shankbone, CC BY-SA 3.0 <http://creativecommons.org/licenses/by-sa/3.0/>, via Wikimedia Commons












