Македонскиот планинар Ѓорги Петков почина во обид да го искачи Монт Еверес кој е највисок врв на светот. 63-годишниот планинар претрпел срцев удар во кампот кој бил фатален за неговиот живот.
Петков кој бил доктор специјалист инфектолог од Гевгелија и член на планинарското друштво „Кожуф”, тргнал во обид за искачување на највисокиот врв на светот на 24 март како дел од комерцијална експедиција водена од Тим Моусдел. Вчера на 20.05.2018, порталот Хималајан Тајмс објави дека докторот претрпел срцев удар додека бил во подготовки за финалниот обид за искачување и починал на таа висина. Координаторот на базниот камп Ками Нуру изјави дека во тек се напори за спуштање на неговото тело во базниот камп.
Ѓорги Петков, во изминатите десетина години се има искачено на повеќе високи врвови на различни континенти. Започнува со Елбрус, највисокиот врв во Европа, висок 5.642 метри, па потоа следат Килиманџаро , Аконгаква – висок 6.962 м.н.в., Арарат – со височина од 5.174 метри и врвот МекКинли на Алјаска висок 6.183 метри.
Највисоката височина до која се искачил до сега доктор Петков е врвот Ленин Пик, во Киргистан, висок 7.200 метри, додека најблиску до Монт Еверест се нашол кога, како член на Балканска експедиција се искачува на врвот Ајлнд Пик, на Хималаите.
OhridNews