Денес во текот на ноќта почина Неда Бакевска, повеќегодишен новинар на Телевизија Телма.
Неда Бакевска беше родена 1974 година во Скопје кадешто го заврши основното и средното образование и кадешто дипломира на Филолошкиот факултет, на групата за македонска и јужнословенски книжевности, со англиски и француски јазик и литература. 2001 година Неда Бакевска со сјаен успех магистрираше комуникологија на Институтот за политичко-правни студии, сјајно одбранувајќи ја тезата насловена: „Пренесување на значењето на културното наследство на локалитетот „Кокино“ преку документарните телевизиски програми “.
Во периодот 2001-2002 година Неда Бакевска оствари студиски престој во САД, на програмата за професионален развој на новинари.
Според сопствените интересирања и афинитети, но и како ќерка на истакнатиот писател Петре Бакевски, Неда Бакевска сиот живот го посвети на книгата во секој нејзин вид, не само како страствен читател на поетски, прозни, публицистички и теориски дела, но пред се’ како професионален проследувач на овој домен во нејзиниот зрел, седумнаесет години долг работен век, почнувајќи од нејзиниот повеќестран ангажман во книгоиздателството „Култура“ кадешто се вработи во 1998 година, се’ до нејзината уште покративна професионална фаза остварена како новинар во Телевизија Телма каде работеше од 2000. година до денес. – соопшти телевизијата.
Беше редактор, но и преведувач на книжевни дела од англиски јазик. Последниве години Неда Бакевска работеше на својата докторска теза за „Влијанието на новите комуникациски технологии врз формирањето на виртуелни заедници: реконструирање на идентитетите во процесот на блогирање“, 2011 година прифатена на Институтот за македонска литература.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре во 12.30 во капелата на гробиштата Бутел во Скопје. Погребот ќе биде извршен во 13.30 часот.
OhridNews