По тешко боледување, денеска во Охрид во 76-та година од животот почина новинарот Борис Ѓорѓиоски.

Борис Ѓорѓиоски е роден во Лактиње, Охридско, на 12.10.1944 година. Новинарството му беше животна определба. Факултет за новинарство завршил во Белград, а во текот на богатата кариера работел во Радио Белград, Радио Младеновац каде беше директор и главен уредник, дописник на Радио Белград од Скопје, дописник на информативната агенција МИА од Охрид од каде се пензионираше, а работел и на бројни емисии и новинарски проекти во локалните медиуми во Охрид.

Во раните деведесетти години, Ѓорѓиоски во Охрид ја основа една од најслушаните радио станици тогаш во регионот „МСБ“ радио, кое беше расадник на новинарски таленти и диџеи, од кои голем дел се успешни и активни во својата професија и денес.

Борис Ѓорѓиоски беше претседател на Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид – Струга, а колегите и неговите ќе го паметат како исклучителен професионалец кој несебично своето знање го споделуваше со помладите генерации новинари.

Во 2006 година беше промотор на Првиот информативен портал во Македонија ohridnews.com, за што вечно му благодариме.

Покрај новинарството активно се занимаваше со сликарство, а во слободното време беше страствен риболовец.

Посмртните останки на новинарот Борис Ѓорѓиоски ќе бидат изложени утре, 22 јули, од 11 до 12 часот, во капелата на градските гробишта во Охрид каде тој ќе биде погребан.

OhridNews