Во 79-та година во животот во Мостар, Босна и Херцеговина, денеска почина познатата треварка Матија Пауновски, соопшти нејзиното семејство.

Матија Пауновски е родена во семејство кое повеќе од 150 години се занимава со собирање лековите билки. По потекло од БиХ, оваа треварка беше позната во сите краеви на поранешна Југославија. Дел од својот живот таа помина во Охрид и Македонија, каде беше позната по чаевите за слабеење, но и по лековитите напитоци за превенција и борба против многу болести.

Матија беше член на светската асоцијација за превентива и алтернативна медицина. Преломниот момент по кој таа целосно се посветува на треварството се случил кога заболела од рак на матката на 40-годишна возраст. И покрај операцијата болеста силно напредувала. Нејзините блиски започнале да ја лекуваат со билки. Борбата траела 8 месеци, а резултатите ги збуниле лекарите кои не и давале многу шанси да преживее.

Своите искуства Матија ги црпеше низ целиот свет, а во голема мера од американските индијанци. Матија Пауновски се смета за една од петте најпризнати тревари на овие простори. Своето знаење таа го пренесе на нејзиниот син Милан и ќерката Билјана, кои ќе ја продолжат век и пол долгата семејната традиција.

OhridNews