На 67-годишна возраст, синоќа, почина познатиот охридски историчар на уметност, истражувач и археолог Гоце Ангеличин Жура.

Роден е 1951 година. Основно и средно образование завршил во Охрид, а дипломирал на Филозофскиот факултет, група Историја на уметност со археологија, прва генерација.

Целиот свој работен век го поминал во Завоот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид, со звање советник конзерватор. Во рамките на задолженијата, како раководител на ресорот за Фрескоживопис и иконопис од X до XX век во Охрид и охридско, вршел перманентен увид врз состојбата на спомениците на културата. Тој е основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерските цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион. Прв истражувач на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум, и со тоа пополнува една огромна празнина за овој период. Неговите истражувања резултираат со огромна фото документација, драгоцена за идните генерации и науката во целост.

Гоце Жура придонесе за големиот интерес на пошироката јавност за вредностите на средновековната уметност, преку бројните јавни настапи и соработа во аудио визуелни проекти. Поради стручната и научна активност и големите доатигнувања, застапен е во Првата Македонска Енциклопедија. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и Повелбата Патрон на градот Св. Климент Охридски во 2007 година. Има напишано 20 книги и монографии и преку 50 научни трудови.

По повод смртта на Ангеличин Жура утре, вторник, со почеток во 10.30 часот, во организација на Завод и музеј Охрид, во куќата на Христо Узунов ќе се одржи комеморативна седница.

Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на охридските градски гробишта во среда, 3-ти април, од 12 до 13 часот.

 

OhridNews