На 83-годишна возраст во Охрид почина познатиот поет, раскажувач, преведувач, Есад Бајрам.

Есад Бајрам е роден во Охрид во 1934 година. Завршил Виша педагошка школа во Скопје. Бил општествено-политички работник. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1987 година.

Првите стихови ги напишал во почетокот на шеесеттите години од минатиот век, а биле објавени во Млад борец и Бирлик. Од поранешниот турски претседател Сулејман Демирел добил награда за придонес во афирмацијата на турската литература во светот. По повод Светскиот ден на преведувачот, 30 септември, во 2012 година Друштвото на писателите на Македонија му ја врачи повелбата “30 Септември“ што се доделува на истакнат македонски книжевен преведувач за долгогодишна успешна преведувачка активност.

Во 2016 година, на една од литературните средби организирани од страна на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје било одржано претставување на личноста и делата на Есад Бајрам од страна на турскиот писател од Македонија, Илхами Емин.

Меѓу неговите бројни издадени книги поезија се: „Плетенки“, „Буквар в срце“, „Дневни прошетки“, “Баждарина“, „Дете во години“, „Вечерни прошетки“.

Погребот ќе се изврши денес, 11-ти ноември, на градските гробишта во 13 часот.

OhridNews