Почина македонскиот телевизиски водител Реџеп Пампур, препознатлив по својата насмевка, и новинар во повеќе македонски неделници. Публиката го познаваше како радио и телевизиски водител, посебно од познатата емисија „Пулсирања“ на јавниот сервис. Секогаш знаеше добро да се шегува, а многупати со своите досетливи прашања успеваше да ги изненади и одушеви неговите соговорници. Обичните македонски граѓани беа лицата со кои тој најмногу комуницираше, поради што и беше многу почитуван и сакан од домашната публика.

Тој беше водителот кој беше препознатлив по својата насмевка и по неговиот ведар дух, човекот со чии прилози пораснаа голем број генерации во првите години од осамостојувањето на Македонија.

Пампур пред шест години доживеа тешка сообраќајна несреќа со својот мотоцикл, извршувајќи ја својата репортеска работа. Од тогаш мина низ долг процес на опоравување и рехабилитација. По несреќата, Пампур се повлече од јавноста и беше во друштво претежно со неговите пријатели и роднини. Активен на социјалните мрежи, при што многу често најавуваше дека ќе им се врати на телевизијата и на радиото откако ќе се закрепне и откако ќе застане на нозе.

OhridNews
извор Макфакс