Редакцијата на катарската сателитска телевизија за регионот, Ал Јазеера Балканс, почна со емитувањето на постојаната програма синоќа во 18 часот од централното студио во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, пренесува „Макфакс“.

„Добра вечер. Ова се првите вести коишто ги емитуваме од централното студио во Сараево“, беа првите зборови што во етерот ги изговори водителката од студиото на новата регионална телевизија.

Програмата на Ал Јазеера Балкансе отворен со едночасовната информативна емисија реализирана со јавувања во живо од дописништвата во Скопје, Белград и Загреб, како и прилози од различни делови од светот. Во воведниот дел на гледачите им беа понудени и информации за формирањето на телевизијата Ал Јазеера, вклучувајќи и осврт на многуте дилеми присутни кај различни страни во смисла на нејзината непристрасност.

По повеќемесечните подготовки, регионалната програма на катарската телевизиска куќа е подготвен за секојдневно продуцирање на сопствени во прв ред информативни емисии  во траење од шест час. Остатокот од програмата ќе се пополнува со содржини како што се документарни емисии произведени од продукцијата на мрежата на Ал Јазеера.

„За нас ќе биде интересна секоја информација којашто е важна за некоја од државите чијшто аудиториум го покриваме, но којашто мора да им биде интересна и на гледачите во другите држави во регионот“, рече директорот на информативниот сектор за вест Горан Милиќ појаснувајќи го концептот на програмата на Ал Јазеера Балканс.

Оваа регионална телевизија нема ограничувања во поглед на употребата на јазиците коишто се зборуваат во подрачјето на коешто се емитува нејзината програма.  На новинарите, како што вели Милиќ, им е дозволено да го употребуваат мајчиниот јазик, споменувајќи притоа без разлика дали станува збор за хрватски, српски, босански или црногорски, нагласувајќи дека ќе биде водено сметка за рамнотежата но дека Ал Јазеера Балканс „нема да биде заложник на јазичната диктатура“.

OhridNews