Камерите и фотоапаратите на светските медиуми денес се свртени кон најголемиот настан за кралското семејство, венчавката на принцот Хари и неговата избраничка,актерката Меган Маркл.  Принцот Хари и Меган се венчаваат денеска во капелата на дворецот во Виндзор, а церемонијата ја следат над два милијарди луѓе, преку најпознатите телевизиски канали кои веќе имаат вклучено пренос во живо.

Рано изутринава во Виндзор се собраа илјадници обожаватели, но и силно обезбедување чекајќи ја спектакуларната церемонија, која почнува напладне. Полиција патролира на улиците, вооружена со полуавтоматско оружје и ја нагледува околината од блиските покриви. Над 100.000 обожаватели ги преплавија тесните улички на Виндзор, гратче на околу 30 километри западно од Лондон, а во ова место пристигнаа и стотина телевизиски екипи. Безбедноста е засилена, а посетителите мора да поминат низ полициски контролни пунктови поставени околу дворецот. Нумерата „Stand by me“ ќе биде една од песните кои ќе бидат изведени во текот на службата, наведоа британските медиуми.

Бакингемската палата објави дека принцот Хари и Меган Маркл добија титули војвода и војвотка од Сасекс.Британската кралица Елизабета ИИ и официјално минатата недела го даде својот „благослов“. Според британскиот закон, првите шест во линијата за наследување на престолот мора да добијат дозвола од кралицата за венчавка.
Принцот Чарлс на кралската венчавка ќе ја испрати Меган Маркл до олтарот, објавија од Кенсингтонската палата. Таткото на американската глумица, Томас Маркл (73), поради здравствени причини не е во можност да дојде на венчавката. „На принцот му е особено драго што на овој начин ќе може да ѝ посака добредојде на Меган во кралското семејство“, се вели во пораката од палатата.