За оружениот напад е обвинет 38-годишниот Исмаил Асани од Струга, кој се товари за кривичните дела убиство, убиство во обид и недозволено носење оружје. Пред судот тој негираше дека го сторил делото. Истакна дека критичниот ден со автомобили се пресретнале со членовите на семејството Исмаили, од кои бил навредуван и нападнат со метална прачка, по што тој извадил пиштол кој го поседувал без дозвола, испукал во земја неколку куршуми за да ги исплаши напаѓачите, по што сите си заминале од местото на настанот, а тој доброволно се предал на полицијата.
Спротивно на ова, Мефаил Исмаили, кој тешко беше ранет во инцидентот, истакна дека тој и неговиот татко биле мета на оружен напад поради нереализирана провизија од 30 до 60 000 евра што обвинетиот и полициски службеник од Струга требало да ја добијат од продажбата на куќа на неговиот вујко, во која тој инвестирал и живеел 25 години. Зделката пропаднала кога купувачот од Австралија, инаку братучед на неговиот убиен татко, разбрал дека неговиот роднина има удел во куќата што сакал да ја купи и се откажал од неа. Поради тоа комшијата Исмаил Асани не пресретна со автомобилот на крстосница и со пиштол пукаше во нас-рече Мефаил Исмаили.
И оштетниот и обвинетиот во своите искази истакнаа дека претходно немале никакви меѓусебни недорабирања и караници.
Судскиот процес за оружениот напад врз семејството Исмаили ќе продолжи на 1-ви февруари.