Со распит на тројцата обвинети  и сведоци, во Основниот суд во Струга  почна судскиот процес за трагичната смрт на  пријателите Јосиф Докоски, Кире Ѓоргоноски и Јонче Кувенџиски, кои на 11-ти септември загинаа од струен удар на див шанк во комплексот на струшкото пливалиште.

За несреќата обвинети се косопствениците на шанкот, Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски  и Гоце Јонески, кои се товарат за предизвикување тешки дела против општата сигурност на луѓето. Тие изразија големо жалење за трагедијата и упатија сочувство до семејствата на загинатите.

Обвинетите пред судот негираа дека електричната инсталација на шанкот била нестручно изведена, како што се наведува во истрагата и тврдеа дека струјата ја добивале од главното броило на Пливачкиот клуб, кој деловниот простор на плажата го издал на второ лице од кое тие со усмен договор го зеле летниот шанк во подзакуп. Обвинетите, исто така, тврдеа дека ден пред трагедијата поради невреме ги исклучиле осигурувачите од шанкот, кој немал зазамјување, но бил поврзан со метална конструкција со соседниот угостителски објект на плажата „Галеб“. Спротивно на првичната изјава дадена во истрагата, второобвинетиот Миладиноски, пред судот изјави дека тој не бил косопственик на шанкот, туку дека како пријател на двајцата други обвинети кусо време бил ангажиран како обезбедување на објектот.

Пред судот како сведок беше сослушан  Ѓоко Чуркоски –претседател на локалниот пливачки клуб, кој истакна дека не му е познато на кој начин лицата кои стопанисувале со спорниот шанк ја обавувале дејноста, затоа што клубот ја издал плажата на друг угостителски објект со договор во кој немало клаузула за издавање во подзакуп.

Според одбраната на обвинетите, во случајот се уште има многу непознати детали кои во инстерес на вистината треба да се разјаснат, за што според нив истрагата треба да биде проширена и на други лица, за кои постои сомневање дека се поврзани со немилиот настан.

Судскиот процес за трагичната смрт на тројцата угледни граѓани на Струга ќе  продолжи на 08.02 2011 година.

OhridNews