Новите изведувачи на градежните работи за возобновување на Свети Климентовиот универзитет , денеска во придружба на првиот човек на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, претставници на Завод и Музеј Охрид и технички лица од надзорот, денеска го посетија локалитетот Плаошник, со што и официјално започнаа активностите за реализација на проектот.


Денеска ги воведуваме во работа фирмите кои го добија тендерот за изведување на дел од градежните активности на Плаошник „Митан пром“ од Охрид и „МЗТ инженеринг“ од Битола. Зацртано е темпо од 16 месеци, ќе се работи западно од црквата каде што ќе бидат изградени Музејот на Плаошник, Свети Климентовата библиотека и другите објекти предвидени во првата фаза, рече Кузман.


Новите инвеститори се ангажирани откако државата го раскина договорот со хрватската фирма „Конструктор инженеринг“. Нема измени во планот, освен тоа што предвидените 12 објекти од комплексот на Плаошник ќе се градат етапно, фаза по фаза.

-Имајќи го искуството од порано решивме по делови да распишуваме тендер, за да може полесно да работиме, финансиски да го издржиме, а и изведувачите да можат да излезат во пресрет на обврските.Штом  сме при крај со реализација на предвидените објекти од оваа фаза ќе го распишеме тендерот за следната фаза, односно за галеријата, факултетот за теолошки науки и резиденцијалниот монашки комплекс, со што ќе го завршиме главниот дел од возобновувањето на Свети Климентовиот комплекс.– истакна Кузман.


Тој посочи дека градежните работи внимателно ќе бидат изведени и дека ќе се води сметка за целокупното културно наследство и црквата на Плаошник, кои, како што истакна, нема да бидат затворени од другите објекти како што се наведува во некои критики, бидејќи тие ќе се градат источно и западно од археолошките наоѓалишта.

Според  проценките  изградбата на комплексот на Плаошник треба да заврши до 2016 година, и се очекува да чини околу 24 милиони евра.

-Се работи за еден од најголемите проекти од областа на културното наследство, но таа цена се уште не е прецизирана, додаде Кузман.


Директорот на Управата за заштита на културното наследство, истакна дека за изведба на градежните работи и движењето на тешката механизација која ќе биде ангажирана, ќе биде изграден алтернативен пат покрај Самоиловата тврдина, со цел да не дојде до оштетувања на домовите на граѓаните кои живеат во близина.

Г.М.