Граѓаните на Македонија, но и тие од регионот, отсега ќе имаат можност да патуваат до Берлин со директен лет. Во термините во понеделник и во петок, главниот град Скопје ќе биде поврзан со една од најпопуларните европски дестинации. Полетувањето во првиот ден од неделата е во 21 часот додека непосредно пред викендот од „Александар Велики“ ќе се поаѓа во 18.30. Летот трае околу 150 минути. Почетната цена на билет во еден правец е 89 евра.

– Воспоставувањето на оваа нова дестинација е во рамки на стратегијата на ТАВ за зголемување на бројот на директни летови кон големите центри во Европа. Авиокомпанијата „Германија“ и воздушниот оператор „Ер Приштина“ на македонските граѓани кои живеат и работат надвор од земјава ќе им обезбедат уште една можност за почесто да ги посетат своите семејства, но и на туристите и на бизнисмените ќе им овозможи полесен пристап до Македонија – вели Зоран Крстевски, генерален директор на операторот на домашните аеродроми во Скопје и Охрид, „ТАВ Македонија“.

Лејла Ибрахими Салахи, претседател и извршен директор на „Ер Приштина“ го нагласува значењето на фактот што тие на своја страна имаат реномиран партнер како „Германија”.

– Поволните билети, сигурноста и високите стандарди за квалитет, како и пријателските и професионални членови на екипажот се темел на нашиот успех и даваат гаранција дека ќе обезбедиме водечка позиција на пазарот која може да продолжи и да се прошири – истакнува Салахи.

OhridNews