Денеска почнува јавниот увид во Избирачкиот список кој трае 20 дена односно до 11 септември на полноќ во пресрет на локалните избори кои се закажани на 19 октомври.
Државната изборна комисија (ДИК) го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, најдоцна на 3 октомври.
Граѓаните, барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид ги поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до Државната изборна комисија. Со барањето се приложуваат и потребните докази. Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.
Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот
список за време на јавниот увид, државјаните на Република Северна Македонија кои се во притвор или се наоѓаат на извршување казна затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК.
ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат.
Барањето за доставување на Избирачкиот список политичките партии го доставуваат до ДИК по електронски пат, најдоцна на 11 септември. ДИК во рок од три дена од денот на завршување на јавниот увид, избирачкиот список го доставува до политичките партии кои доставиле барање до денот на завршување на јавниот увид, најдоцна на 14 септември. Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на избирачкиот список до ДИК доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци, најдоцна на 19 септември.
Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК го заклучува најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид, најдоцна на 26 септември. ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, најдоцна на 3 октомври.
Н.С.Ј.