Од денеска во 10 часот до 15 часот на 15 јуни учениците ќе пополнуваат пријави и електронски ќе аплицираат за запишување во средните училишта за учебната 2022/2023 година. Пријавувањето е преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку нивните кориснички сметки на schools.mk.
Прелиминарната ранг-листа на запишани ученици ќе биде објавена на 16 јуни на интернет-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk и на https://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 9 часот.
Доставувањето на потребената документација до училиштата ќе биде на 16 јуни од 12 до 19 часот и на 17 јуни од 7 до 19 часот, според распоред што ќе го подготви секое училиште.

Регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките сметки на schools.mk. Упатството за логирање/најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страната за логирање/ најава. За првото пријавување на учениците во конкурсниот рок, порталот ќе биде отворен по што системот ќе биде затворен за онлајн-аплицирање од ученици, појаснуваат од Министерството за образование и наука.
Доколку до рокот за електронско аплицирање, 15 јуни, учениците сè уште го немаат добиено свидетелството за IX одделение, ќе ги внесат своите оценки евидентирани во е-дневникот. Во полето за свидетелство за IX одделение (во полето за прикачување) ќе прикачат документ/слика (слика од е-дневник) и на тој начин ќе ја завршат апликацијата. Свидетелството од IX-то одделение задолжително ќе го приложат до училиштето при доставувањето на целокупната потребна документација на 16 и 17 јуни.
Министерството за образование и наука на крајот на март го објави Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2022/2023 година, во кој се наведени условите за запишување и критериуми за избор на учениците, потребните документи за запишување, наставните предмети од основното образование кои се предвидени во критериумите за рангирање на успехот на учениците, роковите за пријавување и насоки за спроведување на Конкурсот.
OhridNews











