Осум екипи распоредени во 2 групи ќе учествуваат на IV издание на Меѓународниот меморијален турнир „Крсте Андоновски“ што ќе се игра во салата „Билјанини извори“ во Охрид од 19 до 23 август.

Ракометот на Балканот, а особено во Македонија е во подем за што говори силината на Супер лигата која сега има четири екипи кои рамноправно ќе се борат за титула. Многу сум задоволен од силината на овој турнир, кој очекувам да стане уште посилен. Охрид е привлечен за ракометните екипи бидејќи има се за еден добар интернационален турнир, а потврда за тоа се овие 8 екипи кои годинава ќе учествуваат на турнирот. Не се сомневам дека пред нас е одличен турнир што ќе биде најдобра покана за идните изданија, истакна легендарниот ракометен тренер Лино Червар, кој оваа година е промотор на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид.

На турнирот годинава учествуваат: Вардар, Е.Пелистер и ГРК Охрид – Македонија, Динамо Панчево и Партизан – Србија, Киндил – Фарски Острови, Нексе – Хрватска и Тримо Требње – Словенија. Претсваниците на клубовите на прес конференцијата одржана синоќа во хотелот „Инекс Олгица“ потенцираа дека конкуренцијата е исклучително силна што ветува добар турнир со интересни и неизвесни натпревари.

  • Сјаен турнир кој подготвено го очекуваме и едвај чекаме да почне. Во Охрид е собрана ракометната елита од просторите на поранешна Југославија. Ние како клуб ќе се обидеме да се пласираме во финале што заедно со триумфот на турнирот во Струга би било феноменално и ќе ја подигне самодовербата на екипата во која сезонава имаме 10 нови играчи пред стартот на најсилната лига на Балканот, истакна тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ.

  • Имаме девет нови играчи и ќе го искористиме овој силен турнир за воигрување на екипата пред стартот на квалификациите на еврокуповите, рече Ренато Вугринец од РК Партизан Белград.

  • Целта на Еурофарм Пелистер е да ја темпираме формата за стартот на првенството и Супер купот на Македонија. Не сме оптоварени со резултатот, што биде нека биде, најважно од се е да останеме здрави сите и да нема повреди, рече Бојан Стерјев од РК Е. Пелистер Битола, актуелен првак на Македонија.

  • Како клуб сме во нова состојба со многу нови играчи и ќе го искористиме овој турнир за воигрување на екипата. Сакам да ги уверам моите играчи дека ни претстои долг маратон од 10 месеци и сакаме после три недели подготовки да го искористиме овој турнир, како и следниот во Скопје да се подготвиме за стартот на сезоната во Супер лигата за која сите велат дека е најсилна на балканот, истана Иван Чупиќ, шеф на стручниот штаб на Вардар 1961 – Скопје.

  • На турнирот во Охрид учествуваат едни од најдобрите екипи од регионот. Не очекуваат силни натпревари во Охрид што е најдобра покана за љубителите на ракометот да дојдат и да уживаат наредните пет дена во натпреварите, истакна Крешо Иванковиќ од РК Нексе, Хрватска.

  • Му благодариме на домаќинот што втора година по ред не кани на овој реномиран турнир кој ќе биде тест за нашата екипа, да видиме колку сме напредувале и добро да се подготвиме за новата сезона. Најважно е да нема повреди и нека победи подобриот, истакна Никола Јаневски – тренер на Динамо Панчево.

  • Благодариме за можноста да настапиме на вака силен турнир. Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да го искористеме турнирот за подготовка за новата сезона и одбрана на титулата, рече Даниел Пиоли, претстаник на РК Киндил, Фарски Острови.

Турнирот чиј покровител е Општина Охрид, во 16:30 часот го отвараат Вардар и Динамо Панчево, од 18:45 часот се среќаваат ГРК Охрид и Киндил, а од 21 часот играат Партизан и Нексе. Сите натпревари се играат во салата „Билјанини извори“.

Г.М.