Кампањата за предвремените парламентарни избори официјално започнува денеска . За 123 пратенички места ќе се борат 1402 кандидати на 14 листи кои ќе се тркаат 9 изборни единици, од кои три се во странство.

Викендов речиси сите политички партии ќе одржат промотивни митинзи или конвенции. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја за парламентарните избори ќе ја започне вечерва со митинг во Скопје, додека најголемата опозициска партија СДСМ исто така ќе започе со митинг во Скопје во недела. Традиционално ВМРО НП на Љупчо Георгиевски кампањата ќе ја започне од Охрид, со конвенција која ќе се одржи утре. Алијансата за позитивна Македонија денеска ќе одржи конвенција, додека ГРОМ во недела во Куманово ќе ги промовира своите кандидати. ДУИ веќе одржа конвенција, а кампањата на ДПА деновиве е во знак на внатрепартискиот раскол и несогласувања помеѓу централата и струшкиот огранок.

За предвремените парламентарни избори ќе се тркаат пет коалиции и девет партии. На избирачкото ливче со бројот 1 ќе настапи коалицијата предводена од СДСМ, под број два ќе биде ДПА, број три Достоинство, број 4 ДУИ, со број 5 е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Под број 6 е НДП, НДМ го доби бројот 7, ГРОМ – 8, со број 9 е АПМ, ВМРО-НП го доби бројот 10, СДПМ е 11 на листата, ПЕП 21 е под реден број 12, ПДП – 13 и ПЕИ настапува под број 14.

Во изборната единица каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен, а на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање празно место. Листите на кандидати предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини односно изборни единици, имаат ист реден број во сите општини, односно во сите изборни единици.

Избирачкиот список е затворен, а Комисијата за верификација на фактите потврди дека на листите на пратеници нема соработници на тајните служби.

Кампањата за предвремените парламентарни избори поради првиот круг од претседателските избори ќе биде прекината на 12 и на 13 април. Парламентарните избори ќе се одржат на 27 април заедно со вториот круг од претседателските избори.

OhridNews